Рот: Уставните измени се неопходни

news
Advertisement

Уставните измени се можеби болни, но се неопходни и затоа сакам да ги охрабрам моите колеги овде во Парламентот, во Владата, да го сторат најдоброто за да ја вратат земјата на европскиот пат, порача денеска во Скопје претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундетагот и поранешен државен министер на Германија за Европа, Михаел Рот.

Advertisement

– Ни треба повеќе амбициозност околу пристапните преговори. Северна Македонија игра многу важна улога како мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна земја. Би сакал да ги мотивирам моите колеги тука дека вреди да се ангажираат повеќе во борбата против корупцијата, независното судство, зајакнување на владеењето на правото и демократската култура во земјата. Неопходните реформи не се обврска само на Владата туку и на парламентарците – изјави Рот пред денешната конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“, што се одржува во Собранието.

Проблемите, вели Рот, не треба да се решаваат со заземање територии и етничко чистење, туку со соработка, пријателство помирување меѓу различни етникуми.

– Ценам што толку многу луѓе во земјава веруваат дека иднината на земјата е во обединета Европа. Но, за жал, војната се врати во Европа со руската агресија врз Украина. Тоа не е закана само за луѓето во Источна Европа туку за сите нас. Праќаме многу едноставна порака – да ние сме окупирани со војната, но тоа не значи дека ја забораваме важната улога на што земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија ја играат за иднината на Европа – истакна Михаел Рот.

Сите земји кои сакаат да се вклучат во Европската Унија, додаде тој, мора да ја продолжат борбата против корупцијата.

Рот даде одговор на новинарско прашање во врска со експресното усвојување на измените на Кривичниот законик, кое предизвика реакции во јавноста поради намалување на казните за носителите на јавни функции во случаите на злоупотреба на службената должност, па се оди и со тврдења дека станува збор за амнестија и премолчен договор меѓу власта и опозицијата, во замена за поддршка на уставните измени.

– Ова не е време за уцени едни кон други, има јасни очекувања од ЕУ, бидејќи пред сѐ ние сме Унија на заеднички вредности, на заеднички пазар и сите земји кои сакаат да се вклучат во ЕУ мора да ја продолжат борбата против корупцијата – рече Рот.

Тој истакна дека не сака да навлегува во детали во однос на измените на Кривичниот законик, напомена дека ги чул и гласините во врска со амнестијата, но нагласи дека политичарите во земјава тука треба да решат за тоа.

– Но, сега ние зборуваме за промена на Уставот, што се однесува на бугарското малцинство и други прашања, кои се исход од еден многу долг, тензичен и контроверзен процес на преговори со ЕУ, специјално со Бугарија. Мојата главна цел е да ги забрзаме преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија, бидејќи Македонците заслужуваат членство во ЕУ што е можно поскоро. Потребна ни е поголема амбиција од двете страни и од страна на ЕУ и од страна на земјава – рече Рот.

Германскиот парламентарец дојде во Скопје како дел од меѓународните дипломатски напори за отворање на европскиот пат на Северна Македонија и спроведување на уставните измени како услов за напредок кон ЕУ. Рот во текот на денов ќе има средби со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претставници на Владата и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.