СДСМ за Онкологија: За вакви криминални работи се зборува 20 години, сега првпат надлежните се зафатија да ги расчистат

news
Advertisement

Поддршка за институциите за целосно расчистување на случајот на Клиниката за онкологија, никој нема да се богати на сметка на здравјето, порачуваат денеска од владејачкиот СДСМ откако се отвори предистрага по медиумските написи дека се краделе терапии за пациенти болни од рак и се препродавале на црниот пазар.

Advertisement

По медиумските написи, во петокот попладне обвинителството и Министерството за внатрешни работи влегоа во клиниката за да направат претрес и да соберат документи за да ги истражат наводите.

„Акцијата на надлежните институции е соодветна и заслужува целосна поддршка од сите. За вакви криминални работи се зборува 20 години, но сега за првпат надлежни институции и Влада предводена од СДСМ се зафаќаат со негово расчистување. Наводите и сомневањата врз основа на коишто се постапува се згрозувачки и за секоја осуда“ велат од СДСМ.

Од владејачката партија бараат да нема сензационалистички злоупотреби и да не се етикетираат сите доктори и медицински сестри, како и да нема политички злоупотреби од партии како ВМРО-ДПМНЕ.

„Институционалното постапување е вистински начин за што поскоро целосно расчистување на случајот и одговорност на сите инволвирани, за целиот опфатен временски период. Без сензационалистички злоупотреби и без етикетирања на сите доктори и медицински сестри, само професионална и брза институционална разрешница, согласно законите, ќе ја утврди точно одговорноста и сите вмешани, години наназад, ќе ги изнесе пред лицето на правдата. СДСМ нема да дозволи кој било да се богати на сметка на здравјето на луѓето, ниту пак политички да се злоупотребува случајот од криминални партии како ДПМНЕ кои освен злоупотреби ништо друго не знаат“,

пишува во реакцијата на СДСМ.Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, утрово прашаа со кој образ владата на ДУИ и СДСМ зборува за Европа кога земјава ја тресе ваков скандал со онкологија, а потенцираа и дека ваков криминал не е можен без знаење на високи структури во Клиниката и во власта.

За потсетување, неделникот „Фокус“ минатиот период објави серија текстови за постоење разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање на скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката. Во системот, според пишувањата на неделникот, се внесувале фиктивни пациенти, а на дел од вистинските пациенти им се давала половична терапија и на тој начин скапата биолошка терапија завршувала на црниот пазар.

По ваквите информации, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предистрага и во петокот попладне влезе во Клиниката. Вчера соопштија дека претреси биле направени и во два приватни стана во Скопје. а биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои понатаму ќе се анализираат и вештачат.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.