Брутално семејно насилство во Битола: Ја тепал со стол и ја принудил на сексуални дејствија – Обвинителството бара притвор
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишен битолчанец осомничен за тешко семејно насилство, физичка злоупотреба и принуда на полови дејствија врз својата вонбрачна партнерка.
Според соопштението на Јавното обвинителство, инцидентот се случил на 18 декември во попладневните часови, во заедничкиот дом на двојката на улицата „Васко Карангелевски“. Осомничениот најпрвин започнал да ја удира жената по телото, лицето и главата, а во еден момент зел трпезариска столица и ја нападнал со неа.
По физичките напади, тој ја влечел кон терасата од станот, заканувајќи ѝ се дека ќе ја фрли, при што оштетената се здобила со повеќе телесни повреди. Насилството продолжило и понатаму, кога осомничениот ѝ наредил да се соблече и да имаат сексуални односи. По нејзиното одбивање, тој насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија против нејзина волја.
Обвинителството го гони осомничениот за кривичните дела „телесна повреда“ и „полов напад и силување“, согласно одредбите од Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител доставил предлог до судија на претходна постапка од Основниот суд во Битола за определување мерка притвор, при што, како што се наведува, особено била земена предвид опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи со вршење семејно насилство кон жртвата со која живеел во ист дом.