Конгресната делегација предводена од спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси слета доцна вчерва во Тајван, и покрај предупредувањата од Кина, која се закани со воен одговор на посетата.
Делегацијата на Пелоси пристигна пред 23 часот локално време во Тајпеј и беше пречекана од тајвански претставници.
„Посетата на нашата конгресна делегација на Тајван ја одразува непоколебливата посветеност на Америка за поддршка на енергичната демократија на Тајван“, рече Пелоси во изјавата објавена по нејзиното пристигнување.
„Нашата посета е една од неколкуте конгресни делегации во Тајван и во никој случај не е во спротивност со долгогодишната политика на САД“, додаде таа.
Пелоси утре треба да се сретне со тајванскиот претседател и законодавци, според извештаите на локалните медиуми.
Кина предупреди дека посетата би била неприфатливо кршење на, како што гледа, нејзиниот суверенитет над самоуправниот остров.
Кинеското министерство за надворешни работи, вчера предупреди дека војската нема да „седи со скрстени раце“, туку ќе преземе „силни контрамерки за да го поддржи суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина“./.voanews